Friday, August 21, 2009

ИЛИНСКА ПЛАНИНА

ИЛИНСКА ПЛАНИНА
НОВА ЛОКАЦИЈА ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ПРИРОДНАТА УБАВИНА
Од јужната страна на Кичевската котлина се наоѓа една од најголемите и најубави планини во нашава земја. Тоа е Илинска планина. Најзините страни сега се граничен појас помеѓу трите општини: Другово, Дебарца и Демир Хисар. Името го добила по пророкот Илија бидејќи на еден од нејзините врвови, на надморска височина од 1525 метри се наоѓа манастирот Св Илија. Овде, на овие простори, особено во летните месеци, бројни се љубителите на природата кои тука ги поминуваат викендите и своето слободно време.
Врвот Лиска кој е највисок и се наоѓа на 1908 метри надморска височина е посебно интересен. Од него, погледот на југозапад се шири се до Охридското езеро. Планината е природна вододелница, бидејќи сите нејзини извори и реки кои се спуштаат низ западните падини се слеваат во Јадранскиот слив, а оние од источната страна својата крајна дестинација ја имаат во Егејското море.По оваа планина се наречени и селата Мало и Големо Илино кои се посебно значајни за љубителите, но и проучувачите на етнологијата, пред се, поради архаичниот начин на живеење на нивните жители во куќите од кои повеќето навлегле во вториот век од своето постоење. Во непосредна близина на Големо Илино се наоѓа изворот на втората позначење река во Македонија, Црна река.
Освојување на врвовите
Илинска планина нуди солидни можности за развиток на летниот и зимскиот планински туризам. Пристапните патишта од Кичево и Охрид водат скоро до подножјето на највисокиот врв Лиска. Истовремено има поврзаност на Западната магистрала од Кичево преку селото Велмеј во општината Дебарца, се до Демир Хисар на спротивната страна на планината и понатаму пак кон Кичево или Битола.Ова е само предуслов за понатамошно развивање на инфраструктурата во овој регион. Засега Илинската планина е посетувана само од вистинските љубители на планината, бројните планинари и извидници од регионот, а врв на задоволството за сите нив е престојот во манастирскиот комплекс ,,Св Илија,, каде многумина за неколку часови го наоѓаат својот духовен мир. Да не ги заборавиме и билко собирачите од околните села кои скоро во седум месеци во годината собираат најразлични плодови од природата. Лековитите билки, печурките, шумските плодови ги користат и за себе, но големи количини даваат во продажба и на тој начин ја обезбедуваат својата егзистенција. Селектираните растенија се пакуваат во чаеви во погоните што се градат на овие простори, а се почесто се флашираат и бистрите планински води и се продаваат насекаде низ маркетите во Републикава како познатата Илинска вода. Месното население се надева дека ќе проработи и иницијативноста кај локалните власти и ќе почне изградбата на Зимски туристички центар бидејќи снег овде има од ноември па се до мај, а приодот до скијачките објекти е можен дури и во најекстремни зимски услови.


Пишува: Светлана Велјаноска

И Н Ф О Р М А Ц И Ј А. БЛОГОТ Е ВО ИЗРАБОТКA; Александар Велјаноски

БЛОГОТ Е ВО ИЗРАБОТКA, Александар Велјаноски